Полициски тим од ОВР Дебар синоќа успешно извлече тројца белгиски државјани кои побарале помош додека планинареле во планинскиот предел над Дебар, во близина на селото Новак, општина Центар Жупа.
Повикот за помош бил примен на 22 септември во 19:13 часот, откако странските државјани пријавиле дека биле нападнати од овчарски кучиња. По добиената локација, полициски тим со теренско возило веднаш се упатил на терен, каде со помош на локалниот ловочувар ги лоцирал и безбедно ги пренел планинарите до нивното возило.
Спасените се идентификувани како Л.М. (42), М.Л.К. (62) и Ј.Ј. (41), сите белгиски државјани. Тие изјавиле дека биле нападнати од кучиња откако поставиле камп-шатор, по што биле принудени да побегнат и да се искачат на столб за мобилна телефонија за да се заштитат.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека лицата биле во добра здравствена состојба и не претрпеле повреди.