Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествуваше на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија“, што се одржа во рамки на Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026 во организација на Светскиот економски форум во Њујорк. На форумот, кој собра високи претставници на влади, меѓународни институции и бизнис-секторот, фокусот беше ставен врз воспоставувањето рамнотежа меѓу економскиот раст, енергетската транзиција и одржливоста.
За време на дискусиите беше подвлечено дека зачувувањето на долгорочната конкурентност бара насочување на капиталните инвестиции кон проекти што гарантираат сигурно, пристапно и одржливо снабдување со енергија.
Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека современите економски политики мора да се фокусираат на долгорочен раст заснован на продуктивност, создавање нови работни места со висока додадена вредност и целосна енергетска стабилност.
„Економиите треба да се насочат на долгорочен раст, кој што ќе се заснова исклучиво на продуктивност. Понатаму, во рамки на дискусијата беше исто така заклучено дека на секоја економија ѝ е потребна што е поголема диверсификација по којашто ќе има и поголема додадена вредност. Исто така беше посочено дека треба да се креира што е можно повеќе високопродуктивни работни места и последно, но секако најзначајно, е тоа дека и понатаму треба да работиме на што е можна поголема енергетска независност, поголема одржливост и поголема стабилност во снабдувањето со енергенси“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.
За Македонија, учеството на овој глобален форум претставува можност за креирање политики што ќе ја зголемат конкурентноста на домашните компании, преку обезбедување стабилни услови за инвестиции и одржливо снабдување со енергија.

