Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Гоце Димовски, присуствуваше на одбележувањето на 10-годишниот јубилеј од отворањето на фабриката „Гентерм“ во ТИРЗ Прилеп. Присуството на јубилејот ја потврди континуираната соработка меѓу институциите и компаниите во зоните, со фокус врз создавањето стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина.
Во своето обраќање, Димовски упати честитки до менаџментот и вработените, истакнувајќи дека десетгодишното присуство на оваа мултинационална компанија во Прилеп е доказ за значењето на партнерскиот однос меѓу државата и странските инвеститори.
Димовски подвлече дека инвестициите од овој тип имаат многу пошироко економско значење преку отворањето нови работни места, зголемувањето на извозот, развојот на домашната економија и трансферот на нови знаења и вештини.
„Одлуката на една мултинационална компанија да инвестира во Македонија е важен чекор. Но, уште поважно е таа компанија да продолжи да работи, да се развива, да инвестира во луѓето и да ја гледа земјата како дел од својата долгорочна стратегија. Тоа е вредноста на континуитетот. И токму тоа го одбележуваме денес. За нашата земја, присуството на компании како Гентерм има значење што ги надминува рамките на една инвестиција“, изјави Димовски.
Тој ја истакна и посветеноста на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски за унапредување на инвестициската клима, обезбедување стабилно деловно опкружување и континуиран дијалог со бизнис-секторот со цел отворање нови економски можности за граѓаните.

