Поставен камен-темелник на вториот маркет на „Лидл“ во Битола

Поставен камен-темелник на вториот маркет на „Лидл“ во Битола

Компанијата „Лидл“ официјално го означи почетокот на изградбата на својот втор продажен објект во Битола со свечено поставување на камен-темелник. Додека првиот маркет на компанијата во градот е во финална фаза од изградбата, со овој нов проект Битола станува еден од клучните центри во кои трговскиот синџир ја развива својата продажна мрежа во Македонија.

Новиот маркет се гради според високи стандарди за енергетска ефикасност и еколошка одржливост. Објектот ќе се протега на површина од 5.288 квадратни метри, со современо уредена продажна сала од 1.546 квадратни метри, 108 обезбедени паркинг-места, додека над 20 проценти од парцелата се предвидени за зеленило и хортикултурно уредување.

Директорката за недвижности во „Лидл“ Северна Македонија, Катарина Зориќ, истакна дека компанијата инвестира во изградба на сопствени објекти од самиот почеток со цел да создаде широка и функционална мрежа со највисоко ниво на квалитет и енергетска ефикасност.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изрази задоволство од почетокот на градбата и нагласи дека инвестицијата носи значајна додадена вредност за локалната економија. Тој подвлече дека проектот ќе овозможи отворање нови работни места, квалитетна понуда за потрошувачите и можности за деловни партнерства со домашните компании.