Реконструкцијата на салата „Работнички“, симбол за центарци и скопјани и дом на најтрофејниот кошаркарски клуб, влегува во завршна фаза.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности заедно со претставници на спортските федерации, најавувајќи дека салата ќе добие сосема нов, модерен изглед.
„По 50 години, Работнички добива нов лик и нови услови за спортски активности, согласно ФИБА стандардите“, истакна Герасимовски во својата објава.
Според увидот, во салата се поставени најважните елементи на модерната спортска инфраструктура: Централен семафор е веќе инсталиран, целосно се завршени осветлувањето и озвучувањето и во тек е комплетирање на трибините.
Покрај централниот дел, целосно се опремени тоалетите, изведени се сите приоди, а во тек се подготовките за поставување подно греење. Инсталациите и горниот простор, кој е наменет за спортските федерации, исто така се финализираат.
Со завршувањето на овој капитален проект, Општина Центар и Градот Скопје ќе добијат објект кој не само што ќе ги задоволува највисоките спортски стандарди, туку и ќе претставува достоен дом за историјата и успесите на КК Работнички.