Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) информира дека е реализирана финансиска поддршка за произведено и предадено јаболко во вкупен износ од 149.482.644 денари, односно околу 2,43 милиони евра. Со оваа исплата се опфатени вкупно 1.934 производители на јаболка низ државата.
Средствата се целосно префрлени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а исплатата е реализирана согласно Мерката 1.7 од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2025 година.
Оваа поддршка има за цел да овозможи непречено одвивање на производството, поддршка на ликвидноста на земјоделците и поттикнување на организиран пласман на македонското јаболко на домашните и странските пазари.

