Премиерот Христијан Мицкоски денеска изнесе детали за трите законски мерки насочени кон олеснување на решавањето на станбеното прашање за младите брачни парови до 35 години и унапредување на студентскиот стандард, кои беа промовирани на годишната конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Првата мерка е законско решение подготвено заедно со Министерството за транспорт, кое наскоро ќе биде доставено пред пратениците. Со него, секоја градежна компанија што во иднина ќе гради станбени објекти ќе мора однапред да определи најмалку 10 проценти од станбената површина за млади брачни парови до 35-годишна возраст, по цена минимум 20 проценти пониска од просечната цена за метар квадратен во соодветната катастарска општина од претходната календарска година, пресметана врз основа на склучените купопродажни договори. Според премиерот, исполнувањето на оваа обврска ќе биде услов за добивање дозвола за градба.
Втората мерка, исто така претставува законско решение кое наскоро ќе влезе во собраниска процедура и предвидува општините на територијата на целата држава да не смеат да наплаќаат комуналии за брачни парови до 35 години кои ќе одлучат да градат сопствена куќа. Премиерот изрази очекување дека ова законско решение ќе добие поддршка од сите пратеници во Собранието.
Третата мерка се однесува на студентскиот стандард и предвидува нов дигитален модел за студентскиот оброк преку апликацијата „М-услуги“, на кој работат Генералниот секретаријат и министерствата за дигитална трансформација, за образование и наука и за финансии. Преку оваа платформа, покрај зголемувањето на износот за студентскиот оброк и неговото усогласување со трошоците за живот, студентите ќе добијат студентска картичка со која ќе остваруваат најмалку 20 проценти пониски цени и дополнителни поволности за повеќе производи и услуги. Во контекст на вложувањата во студентскиот стандард, Мицкоски додаде дека еден студентски дом веќе е пуштен во употреба, уште еден ќе биде пуштен до крајот на оваа или на почетокот на следната година, а започнува и реконструкција на неколку ученички и студентски домови во вредност од околу 50 милиони евра.

