Премиерот Христијан Мицкоски, денеска информираше за новиот договор со компанијата ОКТА, преку кој се обезбедува дополнително намалување на цените на нафтните деривати.
По разговорот на министерката за енергетика со раководството на ОКТА, договорен е попуст од уште еден денар, со што вкупното намалување изнесува 3 денари на сите бензински станици кои се нивни комитенти.
Премиерот истакна дека со овој попуст врз максималните цени утврдени од Регулаторната комисија, земјата во овој момент ги има апсолутно најниските цени на горивата во Европа.
Во однос на прашањето за евентуално ограничување на купувањето гориво, Мицкоски децидно одговори дека таква мерка не е потребна бидејќи државата располага со доволни количини за сите потреби.
Тој потврди дека е забележан зголемен конзум од околу 10% во пограничните области со Албанија, Косово, Србија и Грција, бидејќи граѓаните од соседството точат гориво кај нас поради значително пониските цени, кои во одредени случаи се поевтини и до половина евро по литар.
Тој информираше дека нафтоводот е во полна функција, државните резерви се полни за околу шеесет дена согласно законот, а со керозин од ОКТА се снабдуваат и дел од околните аеродроми.






