На Клиниката за очни болести се реализирани 16 трансплантации на рожница со експерти од САД

На Клиниката за очни болести се реализирани 16 трансплантации на рожница со експерти од САД

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска ја посети Универзитетската клиника за очни болести по повод успешната реализација на вкупно 16 трансплантации на рожница, извршени во соработка со врвен тим експерти од Универзитетот Дјук од Америка.

Оваа посета претставува значајно продлабочување на воспоставеното меѓународно партнерство, кое овозможува трансфер на знаење и примена на најсовремени медицински практики во домашниот здравствен систем.

За време на престојот на американските експерти, кај шест пациенти за првпат во историјата на македонската офталмологија беа применети современи минимално-инвазивни техники. Станува збор за процедури при кои се трансплантира само дел од рожницата со микронска прецизност и без примена на шевови, со што на пациентите им се овозможува врвна услуга според светски стандарди директно во нашата држава.

Министерот Алиу истакна дека оваа втора фаза од соработката дополнително ги зајакнува капацитетите на домашните медицински тимови преку директна обука за примена на најновите технологии.

Покрај професионалниот успех, министерот упати силен апел до граѓаните за важноста на органодарителството како врвен чин на хуманост кој спасува животи. Тој најави дека во тек е работа на законски измени со кои ќе се овозможи секој граѓанин уште додека е жив да се изјасни за својата волја да биде донор. Целта на овие измени е воспоставување транспарентен и доверлив систем во кој личната волја на поединецот ќе биде примарна и целосно почитувана.

Успехот на оваа мисија е резултат на заедничкиот ангажман на националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, нејзината заменичка д-р Гавриловска, како и директорката на Клиниката за очни болести, д-р Наташа Шекеринов. Тие, заедно со американските професори д-р Вилијамс Лојд и д-р Шина Сонг, воспоставија модел на соработка кој носи директна корист за граѓаните и го подигнува нивото на македонското здравство.

Асоцијација (08 април 2026)