Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања најави дека стратешките хидропроекти „Чебрен“ и „Галиште“ ќе бидат клучните драјвери на македонската економија. Вредноста на овој повеќенаменски проект се проценува помеѓу 1 милијарда и 300 милиони до 1 милијарда и 500 милиони евра. Според Мицкоски, со него драматично ќе се зајакне позицијата на Македонија, која како држава нема излез на море, па токму овие огромни акумулации ќе бидат нашата главна стратешка предност во услови на глобални климатски промени.
Премиерот појасни дека во игра се два спротивставени правни концепти за реализација: јавно-приватно партнерство со странски инвеститор или пак државата сама да го гради преку синдикат на меѓународни заемодаватели. Мицкоски истакна дека се залага за вториот концепт, односно АД ЕСМ самостојно да го реализира проектот со поддршка од големи светски финансиски институции како Светска банка и Европската инвестициска банка, со кои веќе се водат сериозни разговори за обезбедување кредити со доволен грејс-период додека трае градбата.
Моментално се работи на ажурирање и спојување на претходните физибилити студии во една со цел да отпочне процесот. Проектот нема да биде само енергетски објект, туку ќе обезбеди огромни количини вода за наводнување на Тиквешкото Поле и целосно ќе го заживее и трансформира Мариовскиот крај во голем туристички центар.
Во однос на пошироката енергетска слика, премиерот презентираше податоци според кои во април оваа година домашното производство покрило рекордни 88,8 % од вкупната потрошувачка, со крајна цел Македонија до крајот на мандатот да стане нето-извозник на струја. Тој додаде дека состојбата во ЕСМ е успешно консолидирана и од наследениот минус од 150 милиони евра компанијата сега оди во позитива, а акумулациите се пополнети до 80 % во ек на сезона на наводнување.
Паралелно со ова, Мицкоски најави дека следната година завршува гасниот интерконектор со Грција, објавен е тендерот за интерконекторот со Србија, пуштен е продуктиводот со ОКТА, а интензивно се заживуваат и внатрешните гасоводи и далноводи со соседите со цел државата да стане клучна енергетска раскрсница на Балканот.







