Владата на вчерашната седница беше официјално информирана од страна на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за донесената пресуда на Вишиот управен суд, со која се поништува одлуката за престанок на важење на одлуката за спојување на концесиите за експлоатација на рудникот „Иловица“ (на локалитетите во Општина Босилово и Општина Ново Село). Како што соопштија од Илинденска, ова е конечна судска одлука која извршната власт е должна да ја почитува во согласност со принципот на владеење на правото.
Од Владата потенцираат дека ова прашање претставува наследена правна состојба која воопшто не е резултат на одлуки донесени од сегашниот владин состав. Станува збор за правен заплет кој започна во јуни 2023 година со одлуката на тогашната влада за спојување на концесиите, која експресно беше поништена само еден месец подоцна, во јули 2023 година, по што инвеститорот покрена управен спор.
Извршната власт уверува дека иако приоритет е економскиот раст, тој нема да биде на сметка на здравјето на луѓето, па затоа сите идни чекори ќе се носат транспарентно, врз основа на стручни анализи и со строг институционален надзор на еколошките стандарди.
На ваквиот развој на настаните експресно и со остри критики реагираа од Еколошкото здружение „Здрава Котлина“, кои преку социјалните мрежи упатија порака „Баравте војна – си добивте војна“. Активистите ја обвинија Владата за лицемерие и селективна правда, тврдејќи дека институциите намерно не вложиле соодветни приговори и свесно чекале да поминат роковите за да се оправдаат со „почитување на законите“. Според нив, судот донел пресуда со штуро образложение која всушност го враќа предметот на повторно одлучување во Владата, а не претставува дефинитивно зелено светло за рудникот.
„Здрава Котлина“ потсети на низата еколошки ризици кои ги нотираа во изминатите десет години – од заложувањето на македонската земја како колатерал кај странски доверители и несоодветните еколошки студии, па сѐ до опасноста од трошење на водата од браната Турија и појавата на силна киселина од 22 литри во секунда која би течела во следните 500 години. Екологистите ја повикаа власта да се присети на своите ветувања дадени на протестите во 2023 и 2024 година, децидно порачувајќи: „Нема да копате, а отворивте војна со народот“.







