По повод две години од работењето на актуелното раководство на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), директорот Гоце Димовски и министерот Тимчо Муцунски ги презентираа клучните економски резултати, како и стратешките приоритети на институцијата за претстојниот период.
Во рамки на билансот за изминатите две години, Димовски информираше дека се започнати и реализирани нови инвестициски циклуси со вкупна вредност од 300 милиони евра. Овие проекти, кои носат современи технологии и висока додадена вредност, предвидено е да отворат над 3.000 нови работни места и значително да го зголемат македонскиот извозот.
Економскиот тренд продолжува со најава за нови вложувања, откако три мултинационални компании веќе донеле интерни одлуки за влез во зоните. Според нивните бизнис-планови, овие нови инвестиции во сите фази ќе достигнат вредност од 200 милиони евра и ќе креираат дополнителни 1.500 работни места за македонските граѓани.
Покрај економските показатели, на прес-конференцијата беше ставен акцент и на институционалното зајакнување и транспарентноста. Директорот на ДТИРЗ потенцираше дека менаџментот успеал да изгради професионална и отчетна институција. Како директна потврда за тоа го посочи најновиот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за 2025 година. Според антикорупционерите, Дирекцијата за ТИРЗ е оценета со високи 85 проценти усогласеност со стандардите за имплементација на системот за интегритет, со што институцијата се позиционираше на високото второ место во целата држава.

