Полициски службеници од ОВР Крива Паланка вчера (24.06.2026 година) околу 11:30 часот го лишиле од слобода Н.Д. (45) од Скопје, под сомнение дека се обидел да изврши кривично дело измама, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Измамата започнала кога непознато лице телефонски контактирало повозрасна жена од Крива Паланка. Лицето лажно се претставило како лекар од Италија и ја вознемирило жената со информација дека нејзината ќерка наводно паднала во Италија, се здобила со тешки кршеници на ногата и вилицата, и дека итно се потребни 35.000 евра за да биде извршена неопходна операција.
Бидејќи жената ја немала бараната сума, со лажниот лекар се договорила да му ги предаде сите пари што во моментот ги имала зачувано дома. Сепак, пред да дојде до примопредавањето, жената успеала да стапи во контакт со својот зет. Тој веднаш сфатил дека станува збор за класична измама и ја советувал случајот веднаш да го пријави во полиција.
Полициските службеници реагирале експресно и во близина на домот на оштетената го затекнале и го уапсиле скопјанецот кој дошол да ги подигне парите. Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, ОВР Крива Паланка против него ќе поднесе соодветна кривична пријава.







