Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, заедно со претседателот на Општинскиот совет, д-р Стојанчо Рамов, и стручните служби од локалната самоуправа, извршија увид во завршните градежни активности на новиот затворен базен.
Овој капитален спортски објект, кој се гради на локацијата на поранешната „Ла Луна“, веќе ја помина клучната фаза со поставувањето на современиот систем за вентилација во април, а сега се работи на финализирање на преостанатите градежни детали пред неговото официјално пуштање во употреба.
Базенот е изграден со димензии 25 на 9 метри и фиксна длабочина од 1,20 метри. Иако неговата примарна намена е да им служи на учениците од сите основни и средни општински училишта за развој на училишниот спорт и правилен физички развој, објектот истовремено ќе биде комерцијално и рекреативно достапен за сите граѓани на Кавадарци.
Со заокружувањето на овој проект, заедно со новиот СПА центар кој се гради во непосредна близина, општина Кавадарци заокружува еден целосен, современ комплекс наменет за спорт, здравје и квалитетно време за сите генерации.

