Во екот на летната туристичка сезона, кога традиционално се зголемува обемот на туристички услуги и приходите од нив, Управата за јавни приходи започна со спроведување на координирани активности. Главната цел е поттикнување на доброволната даночна усогласеност и обезбедување еднакви услови за сите учесници на пазарот.
Главен фокус на овие мерки се приходите што физичките лица ги остваруваат од краткотрајно издавање сместувачки капацитети, односно апартмани, станови, куќи, викендички и соби, како и од други сезонски дејности поврзани со туризмот.
За реализација на оваа акција, Управата за јавни приходи спроведува повеќе паралелни активности. Меѓу нив се објавување практични насоки за пријавување на остварениот доход, директна комуникација и поддршка за даночните обврзници, како и поврзување со останатите институции на државно и локално ниво за споделување податоци.
Покрај тоа, УЈП прави детални анализи на ризик, спроведува насочени контроли и води информативна кампања преку медиумите и социјалните мрежи. Целта на Управата не е само да ги посочи законските обврски, туку и да им помогне на граѓаните навремено и правилно да ги исполнат своите даночни должности.
Од Управата потсетуваат дека секој остварен приход од издавање сместувачки капацитети подлежи на оданочување согласно законските прописи. Сите лица кои остваруваат ваков тип доход се повикуваат навремено да ги исполнат обврските, бидејќи доброволната усогласеност е основа за фер конкуренција и поголема доверба во институциите.

