Министерството за внатрешни работи ги известува сите граѓани кои планираат патување кон јужниот сосед дека на 27 јули (понеделник) е најавен штрајк на царинските службеници на сите гранични премини на Република Грција.
Според информациите добиени од надлежните грчки органи, штрајкот директно ќе ги опфати граничните премини Богородица (Евзони), Дојран (Дојрани) и Меџитлија (Ники).
Во периодот од 05:00 до 09:00 часот по македонско време (односно од 06:00 до 10:00 часот по грчко време), патничките возила ќе се пропуштаат забавено, односно на секои 10 минути. Во истиот временски интервал, товарниот сообраќај ќе биде во целосен прекин за влез и за излез од Република Грција.
Од Министерството за внатрешни работи нагласуваат дека ќе ги преземат сите неопходни мерки за соодветно регулирање на сообраќајот. За таа цел, на граничните премини ќе бидат ставени во функција сите расположливи човечки и технички капацитети со цел да се избегнат поголеми застои и да се обезбеди проточност по завршувањето на штрајкот.
На сите граѓани кои планираат патување во Грција на 27 јули им се препорачува да ги прилагодат своите термини на тргнување или да очекуваат можни чекања на граничните премини.

