Македонија сè поуспешно го користи својот природен соларен потенцијал за зајакнување на домашното производство на електрична енергија. Според податоците што ги објави министерката за енергетика Сања Божиновска, во 2025 година фотонапонските централи учествувале со дури 30,44 проценти во вкупниот инсталиран капацитет и обезбедиле 19,28 проценти од вкупното домашно производство на струја.
Ова претставува голем скок за домашниот енергетски сектор, со оглед на тоа што производството на соларна енергија е зголемено за речиси 50 пати во однос на 2016 година.
Трендот на брза инвестициона динамика во обновливи извори на енергија продолжи и во изминатата година. Од сите нови енергетски капацитети што се приклучени на мрежата во 2025 година, 115,10 мегавати се фотонапонски електроцентрали.
За првпат се издадени и седум лиценци за системи за складирање енергија со батерии, чија вкупна моќност изнесува 7,1 мегават, што овозможува поголема стабилност на електроенергетскиот систем.

