Градежните активности за изградба на новиот Картинг центар во Кавадарци, лоциран во познатата рекреативна месност Моклиште, се одвиваат со засилена динамика. Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека проектот влегува во нова фаза на реализација, со што градот чекор по чекор се приближува до добивање на современа спортско-рекреативна содржина.
Финансиските средства за оваа значајна инвестиција во износ од над 35 милиони денари се комплетно обезбедени преку вториот повик од Владата.
Целиот комплекс ќе се простира на површина од 2.700 квадратни метри и ќе опфати современо проектирана картинг патека заедно со сите потребни придружни објекти. Просторот е замислен да ги исполни стандардите за комплетно спортско и рекреативно доживување на посетителите.
Новиот центар ќе биде наменет за рекреативни возачи, сите љубители на автомобилизмот и адреналинските спортови, а ќе овозможи и организирање на помали спортски натпревари и настани од мотоспортот.
Со овој проект Кавадарци добива специфична спортска содржина која досега недостигаше во целиот регион. Локалните власти очекуваат Картинг центарот да прерасне во омилено место за дружење на младите, но и да стане нова атракција која дополнително ќе ја обогати туристичката понуда на општината.

