Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини бележи стабилна реализација на наплатата на концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини. Ваквиот резултат е последица на унапредувањето на системот на наплата и засилениот институционален надзор врз исполнувањето на обврските од концесиските договори.
Во вториот квартал од 2026 година по основ на овие надоместоци се наплатени 299.461.897 денари, што е зголемување во споредба со истиот период минатата година кога биле наплатени 293.330.528 денари, како и повеќе од двојно повеќе во однос на вториот квартал од 2024 година, кога износот изнесувал 136.204.491 денар.
Со овие остварувања, во првата половина од 2026 година вкупно се наплатени 573.918.284 денари по основ на концесиски надоместоци. За споредба, во истиот период во 2025 година биле наплатени 568.220.573 денари, додека во првите шест месеци од 2024 година оваа бројка изнесувала 259.483.981 денар.
Позитивниот тренд и растот на наплатата се во директна корелација со преземените мерки за подобрување на системот, вклучително и зголемувањето на самите надоместоци и редовното следење на обврските на сите концесионери.
Од ресорното министерство најавуваат дека продолжуваат со спроведување редовни контроли и инспекциски надзори на терен за доследно почитување на концесиските договори, навремено подмирување на финансиските давачки и заштита на јавниот интерес при користењето на природните богатства.

