Општина Бутел го добива најголемиот здравствен проект досега – нова поликлиника. Дарко Костовски, градоначалник на Општина Бутел, најави дека Владата ја одобрила последната одлука за реализација на овој важен проект, кој ќе ја подигне здравствената инфраструктура во оваа општина на високо ниво.
Според Костовски, проектот е веќе подготвен, локацијата е обезбедена, а потребните средства од 117.725.000 денари се осигурени. Ова е голем чекор напред за општината, бидејќи ќе се обезбеди современ здравствен сервис за сите граѓани на Бутел.
"До крајот на неделата, очекуваме потпис на договорот со Министерството за здравство, а за неколку дена ќе започнеме со тендерирање за изведувач на проектот", изјави Костовски.
Градоначалникот изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за неговата значајна поддршка која ја овозможи реализацијата на оваа одлука и ги пофали напорите за исполнување на најголемото барање на граѓаните на Бутел.