Министерот за транспорт Александар Николоски најави важен чекор напред во развојот на железничката инфраструктура во земјава. На редовна седница на Владата е разгледана и усвоена информацијата за склучување на договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство, Кросрејл Интернешнал Лимитед (Crossrail International Limited - CIL).
Овој договор за соработка претставува значаен потег за модернизација на македонската железничка мрежа, со посебен фокус на развојот на брзата железница и товарниот железнички сообраќај. Како дел од договорот, двете страни ќе соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во областите како што се сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, модернизација на депоата и железничкиот возен парк.
"Овој договор е продолжување на веќе успешната соработка помеѓу нашата влада и владата на Обединетото Кралство, која започна во контекст на партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти," изјави министерот Николоски. "Со оваа соработка, ќе имаме можност да ја унапредиме нашата железничка инфраструктура и да го зајакнеме транспортниот сектор во Македонија."
Договорот е важечки пет години, со можност за продолжување на уште пет години, и ќе има значајно влијание врз развојот на железничката инфраструктура и економскиот раст на земјата.