Заменикот на претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати за Македонија, Абдула Ал Себуси. На средбата беше истакнато дека постои огромен потенцијал за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на секторите авиосообраќај, инфраструктура и туризам.
За време на разговорот беа презентирани инвестициските можности што ги нуди државата, пред сè поради нејзината поволна географска положба, добрата поврзаност со регионалните транспортни коридори и потенцијалот за реализација на проекти од стратешко значење.
Николоски и амбасадорот Ал Себуси се согласија дека меѓусебните односи нудат широк простор за проширување на партнерството. Главната цел во претстојниот период ќе биде создавање поволни услови за реализација на конкретни инвестициски проекти кои ќе донесат корист за двете економии.
Двете страни ја потврдија подготвеноста за интензивирање на контактите и соработката на сите нивоа, со цел привлекување на арапски капитал во клучните инфраструктурни и транспортни сектори во земјава.

