На иницијатива на Градската општа болница „8 Септември“, а во соработка и со поддршка од Општина Карпош, започна спроведувањето на бесплатни специјалистички прегледи наменети за пациенти со периферна артериска болест. Активноста има за цел да овозможи навремена превенција, дијагностика и следење на здравствената состојба на граѓаните од оваа скопска општина.
Здравствените прегледи се реализираат преку одделенијата за кардиологија и радиологија при ГОБ „8 Септември“ и ќе се одвиваат во период од пет работни дена.
Во рамки на прегледите, пациентите имаат можност да направат и артериски доплер, односно специјализирана дијагностичка метода за прецизна проценка на протокот на крв низ артериите. Оваа можност ќе ја искористат околу 30 жители кои беа претходно пријавени преку нивните матични лекари од територијата на Општина Карпош.
Од Општина Карпош истакнуваат дека поддршката за ваквите здравствени иницијативи е дел од нивните континуирани активности за унапредување на здравствената грижа и подобрување на условите за ран третман и превенција.

