Општина Кавадарци ги заврши активностите за поставување фотоволтаични системи на сите 12 предвидени јавни установи во градот, со што вкупната инсталирана моќност достигна 355 киловати. Градоначалникот Митко Јанчев објави дека овие вложувања во енергетска ефикасност ќе овозможат значително намалување на сметките за електрична енергија и заштеда на буџетски средства во јавниот сектор.
Фотоволтаичните модули се обезбедени преку донација од компанијата „Пиксел гроуп“ во вредност од 4,5 милиони денари. Системите за производство на соларна енергија се веќе ставени во функција на зградата на локалната самоуправа, основното училиште „Димката Ангелов Габерот“, средното училиште „Ќиро Спанџов Брко“, сите пет објекти на детската градинка, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност, Домот на културата „Иван Мазов Климе“, библиотеката „Феткин“ и Основниот суд во Кавадарци, додека во тек се градежните работи за поставување систем од 35 киловати и на објектот на Основното јавно обвинителство.
Со овој чекор, Кавадарци го продолжува проектот започнат пред четири години, кога стана првата општина во државата со поставени 200 киловати соларни панели на општинските објекти. Ослободените финансиски средства од заштедите на електрична енергија ќе бидат пренасочени за финансирање на други капитални проекти и потреби на граѓаните.

