Со воведување на системот „Безбеден Град“: За осум месеци 34 помалку загинати лица во сообраќајки

Со воведување на системот „Безбеден Град“: За осум месеци 34 помалку загинати лица во сообраќајки

Податоците од евиденциите на Министерството за внатрешни работи за првите осум месеци од 2026 година покажуваат значително подобрување на безбедносната состојба во патниот сообраќај. Во периодот јануари-август животот го загубиле 62 лица, што е намалување за 35,42 проценти во споредба со истиот период од 2025 година кога имало 96 жртви, односно регистрирани се 34 загинати лица помалку.

Вкупниот број настрадани лица е намален за 18,24 проценти, спаѓајќи од 4.731 на 3.868 лица. Воедно, вкупниот број сообраќајни незгоди забележа пад од 11,76 проценти, односно од 5.485 на 4.840 случаи. Намалување е евидентирано и кај сообраќајките со смртни последици за 34,15 проценти, кај оние со тешки телесни повреди за 11,11 проценти, додека несреќите со материјална штета се намалени за 6,20 проценти.

Ова подобрување доаѓа по подолг период во кој бројот на жртви во сообраќајот се одржуваше на високо ниво, каде во периодот од 2010 до 2025 година годишно загинувале меѓу 116 и 198 лица. Од МВР посочуваат дека позитивниот тренд во 2026 година е директен резултат на интегрираниот пристап кој вклучува законски измени, засилени полициски контроли и континуирани превентивни активности.

Клучен фактор во овој процес е функционирањето на системот „Безбеден град“, кој започна со автоматско санкционирање на 1 февруари оваа година. Преку автоматското детектирање на прекршоците, електронската обработка на предметите и известувањето преку СМС и електронска пошта, воспоставен е модел на континуирано и неселективно постапување. Од МВР најавуваат натамошно проширување на овој систем со цел дополнително намалување на сообраќајните несреќи и зачувување на човечките животи.