Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, излезе со остра реакција и обвинувања кон работодавците, тврдејќи дека тие „бесрамно лажат“ за нивната финансиска состојба, профитот и продуктивноста на работниците, додека во исто време кукаат за недостаток на работна сила.
Трендафилов ги критикува газдите кои, според него, 30+ години биле активни чинители во државата, а сега се жалат дека нема работна сила, дека не можат да ги зголемат платите без државна поддршка, и лажат дека зголемувањето на платите ќе доведе до затворање на компаниите.
„Да помислиш дека треба да ги жалиме газдите,“ иронично забележува Трендафилов. Тој потсетува дека истите тие работодавци се оние кои ги избркале работниците во изминатите три децении и сега се жалат дека увезените работници не остануваат повеќе од два до три месеци, па нормално дека нема да остануваат за таква мизерна плата“ - изјави Трендафилов.
Претседателот на ССМ ги побива тврдењата за ниска продуктивност на работниците, повикувајќи се на податоци од Народната банка на Република Македонија (НБРМ) за 2024 година, кои покажуваат значителен раст на нето-добивката по вработен во македонските компании во однос на 2023 година.
Според Трендафилов, овие бројки го разобличуваат „лажниот наратив на газдите“:
- Во градежниот сектор, нето-добивката по вработен изнесува 600.000 денари (скоро 10.000 евра).
- Во трговијата, транспортот, складирањето и угостителството – 300.000 денари по вработен.
- Во индустријата – 200.000 денари по вработен.
- На ниво на цел корпоративен сектор – просекот е 300.000 денари по вработен.
Тој нагласи дека според Централниот регистар, од 2022 до 2024, со зголемување на минималната плата се намалува бројот на затворени компании.
Трендафилов предупредува дека работодавците не се загрижени за фактот што од јануари 2026 година работниците ќе заминуваат во соседството за подобри плати (спомнувајќи минимални плати од $550 евра во Србија и над $500 евра во Албанија), туку се загрижени само од барањето за зголемување на платите.