Кој доход од странство се оданочува: Плати, фриленс, закуп преку Airbnb и Booking, добивки од криптовалути, дивиденди и игри на среќа

Кој доход од странство се оданочува: Плати, фриленс, закуп преку Airbnb и Booking, добивки од криптовалути, дивиденди и игри на среќа

Управата за јавни приходи (УЈП) ги информира граѓаните дека започна со детален увид и проверка на податоците добиени од деловните банки во државата за остварени приливи од странство на физички лица - резиденти во текот на 2021 година. Во оваа фаза од постапката, УЈП веќе достави персонализирани известувања до сите граѓани за кои располага со податоци дека оствариле ваков вид доход, со прецизно дефиниран рок во кој треба доброволно да ги исполнат законските обврски.

Од даночната управа предупредуваат дека доколку граѓаните не ги подмират обврските во предвидениот рок, УЈП ќе ги преземе сите законски мерки за службено утврдување на данокот и за покренување на соодветни постапки. Истовремено, од УЈП појаснуваат дека сите добиени приливи не подлежат автоматски на оданочување и дека секој граѓанин кој добил известување нема априори обврска да поднесува пресметка.

Законската обврска за пријавување се однесува на физичките лица кои оствариле оданочив доход од странство согласно Законот за данокот на личен доход. Во оваа категорија спаѓаат приходите остварени од работа како што се плати, хонорари, интелектуални услуги и фриленс ангажмани, потоа приходи од издавање закуп вклучително и преку платформи како Airbnb и Booking.com, капитални добивки од продажба на имот, криптовалути и хартии од вредност, доход од капитал како дивиденди и камати, авторски права, добивки од игри на среќа, како и други видови оданочив доход.

Од друга страна, приливите добиени по основ на подарок, семејна поддршка, позајмица или трансфери реализирани преку сервисите за брз трансфер на пари како Western Union, Ria или MoneyGram, не претставуваат автоматски оданочив доход. Даночниот третман зависи исклучиво од вистинскиот основ на приливот, па доколку е потребно, физичкото лице ќе треба да приложи соодветен доказ за потеклото на средствата.

УЈП упатува апел до сите граѓани кои оствариле приливи од странство навремено да ги проверат своите даночни обврски и доколку подлежат на оданочување, да поднесат електронска пресметка (е-ППД) и да го уплатат данокот за да избегнат прекршочни и даночни постапки.