АХВ спречи увоз на 20 тони замрзнат компир - помфрит, увезен од Холандија, кој бил наменет за продажба во Македонија. При контролата е утврдено дека производот е со поминат рок на употреба.
Врз основа на изречената мерка забрана за увоз и решението за нештетно уништување, целата количина небезбеден помфрит е уништена во петокот на депонијата „Дрисла“, под надзор на инспектори за храна од Агенцијата.
Во рамки на вонреден инспекциски надзор кај оператор со храна од животинско потекло, АХВ заплени и нештетно уништи дополнителни 2.000 килограми небезбеден пилешки стек.
Поради непочитување на процедурите за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, на операторот со храна му е изречена мерка времена забрана за работа и парична казна од 4.400 евра.
АХВ најави дека ќе продолжи со спроведување на редовни и вонредни инспекциски контроли од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна со цел заштита на граѓаните од консумирање небезбедна храна, како и заштита на здравјето и благосостојбата на животните.