Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој најавија дека во декември ќе биде објавен Јавниот повик 01/2026 за доставување барања за користење средства од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија - ИПАРД III Програмата 2021–2027, со рок за пријавување од најмалку 45 дена од објавувањето во дневните весници.
Предвидените средства од овој повик се наменети за три мерки:
- Мерка 1 - Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства.
- Мерка 3 - Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.
- Мерка 7 - Диверзификација на фарми и развој на бизниси (освен прироритетен сектор Производство и продажба на енергија од обновливи извори).
Од Министерството за земјоделство информираат дека надлежните институции ги завршиле проверките и постапиле по сите препораки дадени од Европската комисија, при што интензивно се спроведува Акцискиот план за зајакнување на системите за управување и контрола на ИПАРД структурата. Со планот се воведува дигитално следење на проектите од одобрувањето до исплатата, вклучувајќи ги и теренските контроли, како и систем за рано предупредување при идентификуван ризик од доцнење на исплатите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, порача дека довербата во ИПАРД е обновена и дека институциите продолжуваат да ги исполнуваат обврските преземени пред Европската комисија. Како што истакна министерот, во рамки на спроведувањето на Акцискиот план се зајакнува Телото за управување со програмата и се поставени прецизни разграничувања на надлежностите за јасно институционално утврдување кој е одговорен за носење на секоја одлука и кој ја проверува, со што се идентификувани и надминати ризик-факторите за појава на слабости и се зацврстени европските стандарди во системот.
Целта на ИПАРД Програмата 2021-2027 е преку соодветни мерки за поддршка да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор преку нивно усогласување со стандардите на Европската Унија, како и да се постигне одржлива животна средина и социо-економски развој на руралните средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување. Начинот и постапката за користење на финансиската поддршка се пропишани во Уредбата за начинот и постапката за користење на финансиска поддршка за мерки за рурален развој финансирани од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија.
Правилата налагаат корисниците претходно да склучат договор со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и да ја реализираат одобрената инвестиција согласно договорените услови, додека контрола на самото место и надзор над договорот вршат овластени лица од АФПЗРР и релевантните институции на Република Македонија и на Европската Унија за управување, спроведување и контрола на ИПАРД. Потребната документација за подготовка и поднесување барања, вклучително и ажурираните упатства за корисници по соодветната мерка, ќе бидат објавени на веб-страницата на АФПЗРР во периодот до објавувањето на Јавниот повик 01/2026.
Подетални информации за типовите инвестиции, критериумите и висината на поддршката по мерки заинтересираните можат да добијат во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (телефон 02 3097-460, факс 02 3097-454, е-пошта ipardpa.info@ipardpa.gov.mk, веб-страница www.pa.gov.mk) и во Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (телефон 02 3134-477 локал 113, 114 и 115, е-пошта info@ipard.gov.mk, веб-страница www.ipard.gov.mk).
Бесплатни информации и практични совети за изготвување и доставување барања земјоделските производители можат да добијат и во регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството, чија контакт-листа е објавена на веб-страниците на надлежните институции (телефон 047 228-330, факс 047 228-370, веб-страница www.agencija.gov.mk, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот).

