Владата ќе купи 90 комби возила и 10 камиони за Македонска пошта

Владата ќе купи 90 комби возила и 10 камиони за Македонска пошта

Владата планира целосно да ја издигне Македонска пошта како државен оператор кој ќе обезбедува најквалитетни услуги на пазарот, најави вицепремиерот Александар Николоски на денешниот Јавен состанок на Агенцијата за пошти.

Тој истакна дека државата цврсто стои зад заштитата на државниот капитал, отфрлајќи ги политиките на претходните влади за продажба на ова стратешко претпријатие.

Како клучна поддршка за модернизација на работата, Николоски најави дека во рок од еден месец Владата ќе донира 100 нови возила за Пошта, од кои 90 се помали комби возила и 10 поголеми камиони.

Покрај обновата на возниот парк, се работи и на посебна програма за софтверска поддршка, набавка на нови машини за сортирање и подобрување на просторните услови, со цел компанијата да стане конкурентна и ефикасна.

Вицепремиерот посочи дека следењето на европските поштенски директиви во услови кога Македонија не е членка на ЕУ создава сериозни потешкотии. Тој објасни дека приватните оператори го преземаат само профитабилниот дел од пазарот, додека државната пошта ја задржува општествената одговорност да доставува пратки и во најнепристапните места каде што никој друг не работи.

Поради тоа, најавени се законски измени кои ќе ја променат оваа состојба и ќе овозможат поправедна распределба на товарот на пазарот.

Овие промени се неопходни и за исполнување на барањата од европскиот План за раст, кој предвидува подобрување на ефикасноста и профитабилноста на услугите за 15 проценти. Според Николоски, тоа не може да се оствари во сегашните околности без системски реформи.

Во моментот на домашниот пазар работат 29 правни лица, а државната компанија е единствената со обврска за обезбедување на универзалната услуга, што ја прави неопходна тесната соработка меѓу Владата и Агенцијата за пошти во периодот што следи.

Следете ги најновите вести на Viber
Владата ќе купи 90 комби возила и 10 камиони за Македонска пошта