Македонија задоволи 96,5% од потребите за струја од сопствено производство во мај

Македонија задоволи 96,5% од потребите за струја од сопствено производство во мај
Сподели:

Според Државниот завод за статистика, во мај вкупната бруто-произведена електрична енергија во Македонија достигнала 462.653 МWh. Со ова остварување, бруто-домашното производство задоволи дури 96,5 проценти од вкупната бруто-домашна потрошувачка на електрична енергија.

Во текот на истиот месец, вкупната потрошувачка на сите основни видови енергенти во државата изнесуваше: 479.603 МWh електрична енергија, 4,463 милиони кубни метри (нм³) природен гас, 264.997 тони јаглен и 78.468 тони нафтени продукти.

Притоа, статистичките податоци покажуваат дека дури 99,9 проценти од целокупната потрошувачка на јаглен во овој период била искористена за производство на електрична енергија во домашните капацитети.

Кај природниот гас е евидентиран раст на потрошувачката од 4,8 проценти, што главно се должи на работата на топлинските постројки кои во мај 2025 година не беа активни. Од друга страна, потрошувачката на сите нафтени продукти забележа намалување за 8,5 проценти.