Министерството за финансии за првпат воведува национален испит и сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор

Министерството за финансии за првпат воведува национален испит и сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор
Сподели:

Министерството за финансии за првпат во земјава ќе спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор. Овој чекор претставува клучен исчекор кон воспоставување национална сертификација, професионализација и унапредување на системот на внатрешна финансиска контрола во државните институции.

Од министерството истакнуваат дека новата процедура за сертификација директно ќе ги зајакне капацитетите на единиците за внатрешна ревизија, истовремено служејќи како конкретен механизам во борбата против корупцијата и обезбедувањето законско и транспарентно работење.

Овој процес има големо значење и за евроинтеграциите на државата, бидејќи со него се реализираат препораките на Европската Унија во делот на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а се исполнуваат и обврските од националната Реформска агенда.

Целокупната подготовка на испитните материјали и прашања е реализирана со директна техничка и експертска поддршка од Европската Унија, наменета за Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.

Сите потребни материјали и прашања за подготовка на испитот се веќе достапни и објавени на официјалната веб-страница на Министерството за финансии. За сите дополнителни прашања и информации, заинтересираните кандидати можат да се обратат до Централната единица за хармонизација, додека министерството дополнително ќе ги објави точните термини и следните чекори за спроведување на испитот.