Изградбата на новиот кружен тек на Северен Булевар во Кавадарци е во самата завршна фаза. Градоначалникот Митко Јанчев извести дека денеска се реализираа последните активности на терен, односно се вршеше обележување на хоризонталната сообраќајна сигнализација и се поставуваа вертикалните сообраќајни знаци.
Со комплетното асфалтирање на површина од 5.300 квадратни метри, овој голем инфраструктурен проект наскоро ќе биде целосно ставен во функција за сите учесници во сообраќајот.
Реализацијата на овој сообраќаен јазол се спроведе со значајна поддршка и донација од компанијата „Лидл“. Со заеднички вложувања на Општина Кавадарци и приватниот сектор, градот добива подобрена сообраќајна поврзаност и значително поефикасен проток на возилата.
Новото сообраќајно решение има за цел значително да ја зголеми безбедноста на оваа фреквентна делница и да го намали чекањето на булеварот.

