Продолжува растот на продажбата на хибридни и електрични автомобили во ЕУ

Продолжува растот на продажбата на хибридни и електрични автомобили во ЕУ

Од почетокот на годината до август, новите регистрации на автомобили во Европската Унија бележат минимален пад од 0.1% во споредба со истиот период во 2024 година.

Според податоците на Европската асоцијација на автомобилски производители (ACEA), уделот на батериски електрични автомобили (BEV) во вкупниот пазар достигна 15.8%, што претставува пораст во однос на 12.6% од минатата година. Сепак, ова сеуште е под темпото што е потребно за успешна транзиција кон електрични возила. Најпопуларна категорија остануваат хибридните електрични автомобили, кои продолжуваат да имаат најголем пазарен удел од 34.7%.

Во првите осум месеци од 2025 година, во ЕУ се регистрирани вкупно 1.132.603 нови батериски електрични автомобили и сочинуваат 15.8% од пазарот. Големите пазари како Германија (+39.2%), Белгија (+14.4%) и Холандија (+5.1%) бележат раст во продажбата на електрични автомобили, додека Франција бележи пад од 2%.

Регистрациите на хибридни електрични автомобили продолжуваат да растат, со вкупно 2.485.069 единици во првите осум месеци на 2025 година. Голем раст е забележан во Франција (+30.5%), Шпанија (+29.3%), Германија (+10.1%) и Италија (+9.4%). Овие автомобили сочинуваат 34.7% од вкупниот пазар на автомобили во ЕУ.

Регистрациите на плуг-ин хибридни електрични автомобили (PHEV) продолжуваат да растат, достигнувајќи 631.783 единици во истиот период. Пазарниот раст е највисок во Шпанија (+99.9%), Германија (+61.2%) и Италија (+62.6%), што доведе до зголемување на уделот на оваа категорија на 8.8%, во споредба со 6.9% во 2024 година.

Во исто време, продажбата на бензински и дизел автомобили продолжува да опаѓа. Бензинските автомобили бележат пад од 19.7%, сите големи пазари забележуваат намалување: Франција (-33.5%), Германија (-25.2%), Италија (-17.6%) и Шпанија (-13.1%). Во целокупниот пазар, уделот на бензинските автомобили падна на 28.1% од 34.9% минатата година.

Дизел автомобилите имаат удел од 9.4% во 2025 година. Промените на годишно ниво покажуваат пад од 16.3% на бензинските автомобили и 17.5% на дизел автомобилите.

Продолжува растот на продажбата на хибридни и електрични автомобили во ЕУ