Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа јавна расправа за новиот Предлог-закон за уредување на пазарите со земјоделски производи. Министерот Борче Серафимовски порача дека со ова законско решение се воспоставува нов систем за појасна распределба на одговорноста меѓу производителите, откупувачите и преработувачите, со цел да се стави крај на неизвесноста и ад хок решенијата во аграрниот сектор.
Новиот закон ги обединува организираниот откуп, договорните односи, пазарните информации, интервентните мерки, задолжителните пазарни стандарди и здружувањето на производителите. Со него не се предвидува административно одредување на цените, туку се воведуваат прецизни правила кои налагаат писмен договор пред испораката со однапред утврдени количини, квалитет, рокови за плаќање и начин на пресметка на цената.
Законот предвидува воведување електронска евиденција на регистрираните откупувачи и нов Земјоделски пазарен информативен систем со национална опсерваторија. Овие алатки ќе овозможат следење на понудата, побарувачката, цените и залихите во реално време, со што институциите ќе можат навремено да препознаваат пазарни ризици и да спроведуваат мерки за јавна интервенција и поддршка за приватно складирање.
По посебен акцент е ставен на поддршката за организирање на земјоделците во групи и организации на производители за зајакнување на нивната преговарачка позиција. Предложените механизми воедно обезбедуваат и целосно усогласување на домашната регулатива со правилата на Европската Унија за заедничка организација на земјоделските пазари.

