Општина Кавадарци ја започна исплатата на планираните финансиски средства наменети за поддршка на образованието и вреднување на успесите на младите. Финансиската помош се распределува врз основа на претходно поднесени барања за учебната 2026/2027 година за првачињата, како и за постигнатите резултати на учениците и нивните ментори во изминатата учебна година.
За оваа намена од општинскиот буџет се издвоени вкупно 702.000 денари за додаток за запишаните првачиња, 856.581 денар за наградените ученици кои оствариле успеси на натпревари, како и 653.268 денари наменети за нивните ментори.
Градоначалникот Митко Јанчев истакна дека Општината е горда на постигнатите успеси на кавадаречките ученици и нивните наставници, порачувајќи дека тие се вистински амбасадори на градот и дека и во иднина ја имаат целосната поддршка од локалната самоуправа.
Со оваа мерка Општина Кавадарци има за цел да ги стимулира учениците за постигнување уште повисоки резултати во образованието, додека на најмладите, односно на првачињата, им посакува успешен и непречен почеток на нивниот образовен процес.

