Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад. За време на состаноците со полициските раководства се разговараше за актуелната безбедносна состојба, борбата против криминалот и корупцијата, како и за завршните подготовки за проширување на дигиталните системи за безбедност во сообраќајот.
Во СВР Охрид беше потврдено дека уредувањето на новиот команден центар е во завршна фаза, со што се создаваат сите технички и организациски услови за целосна примена на системот „Безбеден град“ во овој регион.
Примената на системот „Безбеден град“ започнува од 12 октомври и ќе ги опфати сите градови под надлежност на СВР Охрид, односно териториите на Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Во следните две недели ќе бидат финализирани преостанатите активности за негово целосно ставање во функција, со цел подобрување на сообраќајната безбедност и неселективно санкционирање на прекршоците.
За време на посетата на Регионалниот центар за гранични работи Запад, Тошковски најави и проширување на мисијата на ФРОНТЕКС. Покрај досегашното присуство на јужната граница, европските гранични служби од почетокот на идната година за првпат ќе започнат со заеднички активности и на западната граница кон Република Албанија.

