Мицкоски: Пристигнати се рекордни 6045 апликации за искористување на мерката за самовработување

Мицкоски: Пристигнати се рекордни 6045 апликации за искористување на мерката за самовработување

Премиерот Христијан Мицкоски денес истакна дека мерката за самовработување бележи најголем интерес досега, со вкупно 6.045 пристигнати апликации. Од вкупниот број апликации, 3.296 се од млади лица под 29 години.

До овој момент се издадени 2.916 ваучери за изработка на бизнис план, а оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како ДОО. Во моментот, 2.545 лица веќе се во процес на потпишување договори за грант, по што ќе следи дводневна обука.

Финансиската поддршка е зголемена за 7.000 евра за лица над 29 години (или 14.000 евра ако се здружат во ДОО) и 10.000 евра за млади до 29 години (или 20.000 евра ако се здружат во ДОО).

Овие средства ќе овозможат отворање на нови занаетчиски работилници, ИТ-стартапи, услуги и производствени мали фирми, создавајќи нови можности за развој на целата економија.

Мерката е дел од Оперативниот план за 2025 година, кој тежи над 2,5 милијарди денари (40 милиони евра), што е рекорден износ и за 7,5 милиони евра повеќе од минатата година, а се очекува да опфати 16.507 лица.

Поради огромниот интерес, Министерството за економија и труд заедно со Агенцијата за вработување предложија ревизија на Планот, при што се прераспределија дополнителни 300 милиони денари, плус 161 милион денари обезбедени преку ребалансот на Буџетот.

Премиерот ја нарече мерката силен инструмент во борбата против невработеноста, менувајќи ја филозофијата од држава која само обезбедува социјална поддршка, во држава која создава можности и охрабрува личен напредок.

Следете ги најновите вести на Viber
Мицкоски: Пристигнати се рекордни 6045 апликации за искористување на мерката за самовработување