Министерство за енергетика: Над 15 милиони евра приходи од концесии во првите девет месеци, наплатата зголемена за два и пол пати

Министерство за енергетика: Над 15 милиони евра приходи од концесии во првите девет месеци, наплатата зголемена за два и пол пати

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави дека наплатата на надоместоците за експлоатација на минерални суровини за првите 9 месеци достигна над 15 милиони евра.

Само во третиот квартал од 2025 година, наплатата достигна рекордна сума од околу 6,2 милиони евра, што е зголемување за повеќе од два и пол пати споредено со истиот период во 2024 година, кога биле наплатени околу 2,4 милиони евра.

Во првиот квартал од 2025 година се наплатени околу 4,2 милиони евра, а во вториот квартал околу 4,6 милиони евра, што е значително повеќе од истите квартали во 2024 година.

Министерството нагласи дека овие резултати се директна последица на посветените активности за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите. Клучни чекори вклучуваат засилени инспекциски контроли и испраќање писмени опомени, со ризик од едностран раскин на договорите за оние кои не ги почитуваат законите.

Владата, на предлог на Министерството, веќе донесе 46 одлуки за едностран раскин на договори за концесија за експлоатација на минерални суровини, делумно поради неплаќање на концесискиот надоместок.

Дополнително, од 1 јануари 2025 година е воведен Нов Тарифник кој ја зголеми висината на надоместоците до 100%, со цел да се обезбеди правична вредност за користење на природните ресурси.

Овие измени не се однесуваат на енергетските минерални суровини, како јагленот, со цел да се заштитат граѓаните од дополнителен притисок врз цените на електричната енергија. Министерството очекува наплатата дополнително да расте откако концесионерите ќе ги регулираат преостанатите обврски.

Следете ги најновите вести на Viber
Министерство за енергетика: Над 15 милиони евра приходи од концесии во првите девет месеци, наплатата зголемена за два и пол пати