Полициски службеници од Единицата за финансиски криминал приведоа пет лица поради сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Приведени се: Н.Р. (51) од Куманово, поранешен директор на ЈП „Агро Берза“ Скопје; Р.А. (61) од Тетово, поранешен директор на Агенцијата за стоковни резерви; Т.К. (55) од Скопје, поранешен раководител во Агенцијата за стоковни резерви; Т.Д. (58) од Куманово, поранешен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и државен советник; и М.П. (68) од Скопје, ангажирано вешто лице.
Во акцијата биле извршени и претреси на пет локации во Скопје, Куманово и Тетово, а против лицата е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје.
Кривичното дело е сторено со злоупотреба на службената должност, при што Н.Р., Р.А., Т.К. и Т.Д., во својство на овластени лица, доставиле неточни податоци и информации до Владата. Имено, иако биле должни да ја известат Владата за фактичката состојба и за настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен во ЈП „Агро Берза“ за периодот од 2019 до 2021 година, тие постапиле спротивно на Законот за стоковни резерви.
Пријавените во 2022 година изготвиле записник со кој предложиле прифаќање отпис на кусок во количина од 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен, знаејќи дека овој кусок всушност се однесува на долг период од 2007 до 2021 година, иако немало законска основа да се земе предвид тој период. Причината е што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираните житни култури, а во претходните годишни надзори не бил констатиран кусок.
Ангажираното вешто лице, М.П., постапил спротивно на Законот за процена и договорот за услуга, изготвувајќи вешт наод со внесени невистинити податоци, при што не ја зел предвид целокупната документација од Агенцијата за стоковни резерви и ЈП „Агро берза“.
Овој вешт наод бил приложен кон информацијата која Владата ја прифатила, со што Агенцијата за стоковни резерви била задолжена да изврши отпис на житните култури. Со ова, на државниот Буџет му е нанесена штета од 473 илјади евра (според цените во моментот на отписот, вредноста достигнала 780 илјади евра).