Пекабеско ја заврши минатата година со приходи од над 100 милиони евра

Пекабеско ја заврши минатата година со приходи од над 100 милиони евра

Компанијата Пекабеско ја заврши 2025 година со позитивни финансиски резултати, остварувајќи консолидирани вкупни приходи од 6.166 милиони денари (околу 100,26 милиони евра), што претставува зголемување од 3% во споредба со претходната година.

Најголем дел од овие приходи се генерирани преку продажба на готови производи, стоки и услуги, сектор кој бележи пораст од 4% на годишно ниво. Од друга страна, приходите остварени од извоз изнесуваат 747 милиони денари (околу 12,15 милиони евра), забележувајќи благ пад од 2% во однос на истиот период во 2024 година.

Паралелно со растот на приходите, се движеа и вкупните расходи на компанијата, кои во текот на 2025 година достигнаа 5.932 милиони денари (околу 96,45 милиони евра), што е зголемување од 3% на годишна основа.

Пекабеско ја зголеми својата работна сила, па на крајот на декември бројот на вработени изнесуваше 435 лица, што е за 17 вработени повеќе во споредба со претходната година.

Развојната компонента во работењето на Пекабеско беше видлива преку инвестиции во основни средства во вкупна вредност од 270 милиони денари (околу 4,39 милиони евра). Најзначајните вложувања се насочени кон модернизација и одржливост, вклучувајќи опрема за производство на електрична енергија преку сопствена фотоволтаична централа, нова производствена опрема, како и обнова на возниот парк со товарни и патнички возила.

За претстојната година, менаџментот на Друштвото планира да продолжи со инвестицискиот циклус преку набавка на нова автоматизирана опрема во производствениот процес. Главните цели остануваат зголемување на реализацијата на производите како на домашниот, така и на странските пазари.

Асоцијација (08 април 2026)