Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објави најновите податоци за органското производство во Македонија за 2025 година, кои покажуваат раст и позитивни трендови во овој земјоделски сектор. Според извештајот, обработливата површина под органско земјоделско производство во 2025 година, во однос на лани, бележи скок од 24,6%. Во текот на минатата година, со овој вид на одржливо земјоделство во државата активно се занимавале 931 производител.
Вкупно се регистрирани 5.145 хектари обработлива површина под органски култури, од кои 1.902 хектари отпаѓаат на површини кои моментално се наоѓаат во таканаречен „период на преод“ (транзиција кон сертифицирано органско производство). Житните култури зафаќаат најголем дел од вкупните органски ниви во Македонија – дури 47,5% или точно 2.444 хектари.
Кај органските житарки има годишен раст од 31,3% во споредба со 2024 година. Зголемување на обработливите површини е регистрирано и кај индустриските, фуражните култури, како и кај овошните насади, додека површините наменети за органски зеленчук и за грозје бележат благо намалување.
Во секторот за органско сточарство, исто така, се забележуваат позитивни поместувања. Вкупниот број на органски говеда достигнал 9.546 грла, што е за 1,1% повеќе од лани. Најизразен раст на стадата има кај органските овци чиј број се зголемил за 9,4%, додека кај органските кози зголемувањето изнесува скромни 0,3%.
Одлични резултати покажува и пчеларството, каде што производството на органски мед лани достигнало 69.658 килограми, што претставува скок од 13,1% во однос на 2024 година, и покрај тоа што вкупниот број на пчелни семејства во истиот даден период бележи благ пад од 2,6%.







