Исплатени над 15 милиони денари субвенции на земјоделци кои се занимаваат со органско производство

Исплатени над 15 милиони денари субвенции на земјоделци кои се занимаваат со органско производство
Сподели:

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираше дека преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е реализирана финансиска поддршка од вкупно 15.372.229 денари. Средствата се исплатени на сметките на 987 корисници од Програмата за органско производство за 2024 година.

Овие финансиски средства имаат за цел поддршка и поттикнување на одржливото земјоделско производство и помош за земјоделците кои применуваат еколошки стандарди.

Според структурата на исплатените средства, најголемиот износ е одвоен за процесот на сертификација, каде што се исплатени 9.589.057 денари на 808 земјоделци. За поддршка на органските овошни насади, реализирана е исплата од 4.606.441 денар на 155 корисници.

Покрај ова, средства се распределени и за анализа на почвата, каде 26.830 денари се префрлени на пет корисници.

Со исплатата се опфатени и субјектите кои се занимаваат со финалниот пласман на органските производи. За трговија со органски производи се исплатени 963.997 денари на 16 корисници, додека за преработка на органски производи се отпределени 185.904 денари на три корисници.

Од Министерството посочуваат дека поддршката за целиот синџир, од обработка на почвата и сертификација до преработка и пласман е клучна за развојот на органското земјоделство во државата.