Општина Кавадарци започна со реализација на проект за поставување и проширување на фотоволтаични системи на 12 јавни објекти низ градот. Главната цел на овие инвестиции е значително зголемување на енергетската ефикасност и намалување на трошоците за електрична енергија кои ги покрива општинскиот буџет.
Градоначалникот Митко Јанчев извести дека самите соларни панели, како и проектите за нивно поставување, се обезбедени преку донација, додека останатиот материјал и изведбените работи се финансирани преку Буџетот на Општина Кавадарци.
Со овој проект се опфатени повеќе клучни јавни установи, со вкупна инсталирана моќност од 390 киловати. Со соларни панели ќе се опремат сите клонови на детската градинка „Рада Поцева“, односно објектите „Гроздоберче“, „Снежана“, „Детелинка“, „Изворче“ и „Сонце“.
Покрај детските градинки, со нови и проширени фотоволтаични системи ќе располагаат и Библиотеката „Феткин“, Домот на културата „Иван Мазов – Климе“, општинската зграда, основното училиште „Димката Ангелов - Габер“, средното училиште „Киро Спанџов - Брко“, како и зградите на Основниот суд, Основното јавно обвинителство и Општата болница во Кавадарци.
Проектот предвидува поставување на комплетно нови соларни системи на дел од објектите, додека на останатите се врши надградба на веќе постоечките капацитети. Со тоа, овие значајни јавни установи ќе можат во голем дел сами да ги покриваат потребите за електрична енергија од обновливи извори.
Локалната самоуправа истакнува дека со ова се прави значаен чекор кон одржлив развој и позелена општина, што истовремено ќе донесе значителни долгорочни заштеди за локалниот буџет.

