Од мај 2027 година, американската авиокомпанија United Airlines започнува со редовна директна авиолинија меѓу Њујорк и Љубљана. Новата линија ќе сообраќа четири пати неделно меѓу аеродромите во Њујорк и Љубљана со Boeing 767-400ER.
Интересот на американските патници за Словенија бележи континуиран и брз раст. Според податоците на Државниот завод за статистика на Словенија, во 2025 година земјата ја посетиле над 200.000 гости од САД кои оствариле речиси 449.000 ноќевања, што претставува зголемување од 11 проценти во споредба со претходната година.
Овој позитивен тренд дополнително се забрза во првите седум месеци од 2026 година, кога е забележан пораст од 23 проценти кај пристигнувањата и 21 процент кај ноќевањата. Американските туристи се исклучително значајни за словенечкиот туризам бидејќи остваруваат повисока потрошувачка и често патуваат надвор од главната летна сезона.
Во промоцијата на Словенија на американскиот пазар клучна улога има кошаркарот Лука Дончиќ. Неодамна, на негова иницијатива и покана, НБА тимот Лос Анџелес Лејкерс ја посети Словенија, што предизвика голем интерес во водечките светски медиуми.
Словенечката туристичка организација спроведува континуирани промотивни кампањи во соработка со глобални медиуми како National Geographic и Condé Nast Traveler, како и со водечките светски здруженија за луксузни патувања. Земјата беше домаќин на престижниот настан Virtuoso Chairman’s Event, што помогна Словенија да се позиционира меѓу водечките луксузни дестинации во Европа.

