Општина Карпош донесе одлука за исклучување на четири фонтани кои се наоѓаат на нејзината територија како превентивна мерка против ширењето на вирусот на Западнонилска треска. Оваа активност се презема со цел да се спречи создавањето на ларви и размножувањето на комарците кои се главни преносители.
Од локалната самоуправа истакнуваат дека чекорот се прави во интерес на заштита на јавното здравје и безбедноста на сите жители.
Со оваа мерка на општинските служби опфатени се фонтаната во населбата Бардовци, фонтаната лоцирана спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, фонтаната на плоштадот Делфина во Влае, како и фонтаната во Карпош 3, сместена спроти маркетот Тинекс.
Со празнењето и исклучувањето на овие водени површини се елиминираат застоените води кои се најпогодни за создавање нови жаришта на комарци во урбаната средина.
Од Општина Карпош побараа разбирање од жителите за привремената прекината работа на фонтаните, нагласувајќи дека здравјето на граѓаните е на прво место. Исто така, општинските власти упатија апел до сите сограѓани соодветно да се придржуваат до општите препораки и насоки издадени од Институтот за јавно здравје за лична заштита од убоди од комарци.

