Швајцарската компанија Баумер ги разгледува можностите за нова инвестиција во Македонија

Швајцарската компанија Баумер ги разгледува можностите за нова инвестиција во Македонија

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денеска оствари работна средба со менаџментот на фабриката Баумер која работи во рамките на ТИРЗ Скопје 1. На средбата се разговараше за досегашните активности на фабриката, како и плановите за во иднина и потенцијалната нова инвестиција, по што беше реализирана и обиколка низ производствениот погон.

Димовски нагласи дека дирекцијата за ТИРЗ ја поддржува секоја нова инвестиција која ќе донесе поголем економски раст за државата и ќе отвори нови работни места.

„Како институција активно работиме за уште поголем развој на постоечките компании во рамки на зоните, но и за нови потенцијални инвестиции кои дополнително ќе влијаат позитивно на националната економија. Оваа Влада, уште од самиот почеток како главни цели ги постави економскиот раст, новите инвестиции и новите работни места, а со досегашните резултати по повеќе од една година, верувам дека можеме уште повеќе.“ - изјави Димовски.

Директорот на фабриката, Соња Стефановска, посочи дека според резултатите кои се постигнати од страна на компанијата во изминатиот период, постојат можности за потенцијално зголемување на производните капацитети и воведување на нови технологии со што ќе се отворат и нови работни места.

Швајцарската компанија Баумер произведува напредна сензорска технологија, енкодери, мерни инструменти од областа на електрониката. Компанијата е присутна со 39 подружници низ 19 земји од светот, а во Македонија е присутна од 2019 година, кога официјално го отвори производствениот капацитет во ТИРЗ Скопје 1, каде се наоѓа и истражувачкиот центар во кој работат инженери од областа на електрониката, информатиката и машинската технологија.

Швајцарската компанија Баумер ги разгледува можностите за нова инвестиција во Македонија