Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, оствари работна средба со високата делегација од Светска банка, предводена од Редон Беголи, заменик-директор за Северна Македонија, и Теклу Тесфае, тим-лидер на Проектот за модернизација на земјоделството. На средбата се разгледани заклучоците од редовната мисија на банката, постигнатиот напредок и наредните чекори за реализација на планираните инвестиции.
Главниот фокус на разговорите е ставен врз клучните капитални и дигитални проекти во аграрниот сектор, меѓу кои се изградбата на логистичко-дистрибутивниот центар во Скопје и центарот за сортирање и складирање во Струмица.
Покрај откупно-дистрибутивните капацитети, проектните активности опфаќаат и воспоставување на интегрирана земјоделска информациска платформа во Министерството, како и целосна реконструкција на административната зграда на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Министерот Серафимовски ја потврди заложбата за забрзување на административните и техничките постапки, со цел овие инвестиции што побрзо да прераснат во функционална инфраструктура и современи дигитални услуги кои ќе обезбедат подобар пласман за земјоделските производители.

