Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Д.М. (42) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ според член 357 од Кривичниот законик. Пријавената била вработена како државен инспектор за храна во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според информациите од полицијата, инспекторката во периодот од 17 до 25 септември, при вршење редовна контрола во угостителски објект во Скопје, побарала 250 евра за да изготви записник во кој нема да наведе утврдени пропусти во работењето.
Иако била свесна дека правниот субјект ги нема соодветните процедури за добра производна храна и добра хигиенска пракса, таа понудила да го прикрие прекршокот во замена за паричен надомест.
На 25 септември инспекторката ги примила побараните пари од оштетениот, по што веднаш му го предала изготвениот инспекциски записник во кој било наведено дека објектот работи без никакви неправилности. Случајот е предаден на понатамошно постапување во надлежното обвинителство.

