Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), вкупната бруто-произведена електрична енергија во август изнесува 506.386 мегават-часови (MWh). Со овој обем на производство, бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со дури 97,2 проценти во вкупната бруто-домашна потрошувачка на струја во државата за истиот месец.
Во однос на вкупната потрошувачка по видови енергенти во август, регистрирана е потрошувачка од 520.849 MWh електрична енергија, 17,563 милиони нормални метри кубни (nm³) природен гас, 175.578 тони јаглен и 119.046 тони нафтени продукти. Притоа, речиси целокупното количество на јаглен, односно 99,9 проценти од вкупната потрошувачка, е употребено директно за производство на електрична енергија во термоцентралите.
Анализата на споредбените податоци на ДЗС за август во однос на истиот месец од претходната 2025 година покажува значајни промени во структурата на потрошувачката на енергенти. Потрошувачката на природен гас бележи намалување за 13 проценти на годишно ниво.
Од друга страна, во истиот споредбен период е забележан раст на побарувачката кај нафтените деривати. Вкупната потрошувачка на нафтени продукти во август бележи зголемување од 7,1 процент во споредба со август лани.

